КИМ КАРДАШИЈАН ДОБИ ХОЛОГРАМ НА НЕЈЗИНИОТ ПОКОЕН ТАТКО ЗА 40. РОДЕНДЕН

Лос Анџелес, (Гардијан)

Ким Кардашијан доби честитка од рајот за својот 40. роденден откако Канје Вест ѝ подари холограм од нејзиниот покоен татко Роберт. ТВ-ѕвездата сподели видео од холограмот на Инстаграм, што го опиша како најдобро осмислен подарок во нејзиниот живот.

„Јас сум горд ерменски татко. Горд сум и на одлуката на Ким да стане адвокат и да го продолжи моето наследство“, вели холограмот.

Роберт Кардашијан, кој почина во 2003 година, се прослави како адвокат на О Џеј Симпсон во еден од најконтроверзните судски процеси во САД.

„Ти се омажи за еден од најнајнајнајгенијалните луѓе на светот – Канје Вест“, додава холограмот.

Оживувањето славни личности во вид на холограм почна со настапот на Тупак Шакур на фестивалот Коачела во 2012 година, што тогаш чинело меѓу 100.000 и 400.000 долари, но се верува дека оваа технологија денес е многу поевтина и поедноставна.