СОРАБОТНИЦИТЕ НА БРУС ВИЛИС ВЕЛАТ ДЕКА ПОДОЛГО ВРЕМЕ ИМАЛО ГРИЖИ ЗА НЕГОВАТА КОГНИТИВНА СОСТОЈБА

Лос Анџелес, (Гардијан)

Откако Брус Вилис завчера објави дека ја завршува актерската кариера поради дијагностицирана афазија, „Лос Анџелес тајмс“ откри дека грижи за неговата когнитивна состојба имало со години.

Новинарите на весникот разговарале со режисери и други соработници на 67-годишниот Вилис од филмски сетови и тие велат дека тој се мачел да запомни дијалози, бил дезориентиран, барал пократки работни денови и имал проблеми со користење оружје.

„По првиот ден работа со Брус, сфатив зошто ми бараше да снима помалку дијалог“, изјави Мајк Брнз, режисерот на трилерот „Out of Death“.

Двајцата потоа соработувале на уште еден филм, по кој, според Брнз, Вилис бил во уште полоша состојба.

„Откако завршивме, ми кажа: ‘Готово, нема веќе да снимам филмови‘“.

Тери Мартин, супервизорката на продукцијата на новиот филм „White Elephant“, изјави дека Вилис изгледал изгубено на снимањето.

Менаџментот барал Вилис да снима само два дена и да не работи повеќе од осум часа на ден, а најчесто бил платен два милиона долари по филм.

Во изминатите три години, Вилис сними дури 21 филм. Организаторите на Златна малина годинава воведоа посебна категорија „најлоша изведба на Брус Вилис во филм од 2021“. Откако Вилис откри дека има нарушено здравје, тие кажаа дека ја повлекуваат оваа сатирична категорија.

Афазија е состојба која ја погодува способноста за говор, пишување, слушање и читање и најчесто е предизвикана од оштетување на левата страна на мозокот.