СТАНАВ МАЈКА ПО МОИ ПРАВИЛА – АМБЕР ХРД ДОБИ ЌЕРКА ПО РАЗВОДОТ ОД ЏОНИ ДЕП

Лос Анџелес, (АП)

Актерката Амбер Хрд објави дека станала мајка и тоа го направила по нејзини услови, како самохран родител.

Поранешната сопруга на Џони Деп на Инстаграм објави фотографија од ќерката Уна Пејџ, која ја добила на 8 април. Холивудските медиуми пренесуваат дека таа е родена преку сурогат мајчинство.

„Сега ценам колку е радикално за нас како жени да размислуваме за еден од најосновните делови од нашите животи на овој начин. Се надевам дека ќе дојдеме до точка кога ќе биде нормално да не сакаме прстен за да имаме креветче. Уна е почеток на остатокот од мојот живот“, стои во објавата на ѕвездата на „Аквамен“.

Хрд од 2015 до 2017 беше во турбулентен брак со Деп. Тој лани изгуби судски спор со британскиот весник „Сан“ кој го обвини за домашно насилство. Судот одлучи дека написите биле делумно точни. Деп исто така ја тужи Хрд за есеј за домашно насилство што го напиша за „Вашингтон пост“.