Повеќе строги правила наложила словенечката фирма „Проспот“, која ги има правата за мјузиклот „Мама миа“, во режија на Наташа Поплавска и кореографија на Олга Панго, чија премиера е вечерва, во 20 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ).
МНТ е носител и продуцент на мјузиклот, во копродукција со „Проспот“, застапуван од славниот југословенски скијач од осумдесеттите години, Јуре Франко.
В.д. директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац, ни рече дека, според договорот со Словенците, има неколку правила до кои МНТ мора да се придржува, како, на пример, цената на билетите, кои чинат 600, 800, 1.000 и 1.200 денари.
„Со Франко разговарав и изреагирав дека цената е висока за нашиот стандард, но ни рекоа дека тоа е правило по кое мора да се водиме сега засега, па ќе видиме во иднина. Нема гратис билети, Словенците имаат процент од секоја изведба и запознати се со тоа колку карти се продаваат“, ни рече Дац.

Куќата која е на сцената и во којашто се одвива голем дел од дејството морала да се изведе по одредени стандарди и ништо да не биде додадено или изменето. Исто така, од МНТ не смееле да вметнат видео проекции во претставата.
Според договорот, „Мама миа“ мора да има 30-35 изведби годишно. Тоа е поразлично правило од договорот за „Чикаго“, за кој беа откупени само 20 изведби и доколку би ја поставиле пак, треба одново да се откупат правата. Тоа значи, вели Дац, дека нема ограничување колку „Мама миа“ ќе биде на репертоар.

Режисерката додава оти според правилата, на македонски јазик не е преведен само хитот „Ватерло“ и во претставата се изведува само еднаш, на крај.
„Мама миа“ е еден од најпоставуваните и најпопуларни мјузикли на светските сцени, а во 2008 година се сними и истоимен филм, со Мерил Стрип и Аманда Сајфрид во главните улоги.
Глумиците Нина Деан и Биљана Драгичевиќ-Пројковска ги играат главните улоги на Софи и Дона Шеридан. Јана Стојановска е алтернација за ликот на Софи. Најдобрите пријателки на Дона ги играат Арна Шијак и Тања Кочовска, додека во улогите на татковците Сем, Бил и Хари ќе бидат Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев. Никола Наковски ќе биде Скај, свршеникот на Софи.
Препевот и преводот ги направи актерката Тина Трпкоска. Учествуваат и голем број актери, танчари и хористи, како и бенд во живо. Ќе диригира Бисера Чадловска, сценографијата е на Александар Дениќ, а костимограф е Роза Трајческа-Ристовска.
Б. НЕСТОРОСКА