СТРОЈНИЦИТЕ ОД СЛОЕШТИЦА ИМ НАОЃААТ ПАРТНЕРИ НА НАШИТЕ СВЕТСКИ ГОСТИ НА УМЕТНИЧКАТА КОЛОНИЈА, ВЕЛАТ ИРЕНА И СЕРГЕЈ АНДРЕЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Над 80 уметници од над 20 земји од 5 континенти продефилираа низ Уметничкото гумно во Слоештица, Демирхисарско во изминативе 20 години, велат Ирена и Сергеј Андреевски, основачите на „Арт поинт гумно“. Ретроспективната изложба на дела од постојаната колекција на „Арт поинт гумно“ до 2 декември ќе биде претставена во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Ирена и Сергеј, кој е уметник и син на македонските книжевни доајени Петре М. Андреевски и Светлана Христова-Јоциќ, за СМАРТ.СДК. споделуваат дел од бројните впечатоци и анегдоти кои ги имале со гостите уметници. Тие престојуваат во Слоештица, но со нив шетаат и во другите села, а и пошироко, во Крушево, Прилеп, Битола, Охрид.

Велат дека има многу анегдоти, особено затоа што во Демир Хисар луѓето се многу духовити и креативни, неслучајно токму оттаму произлегле толку писатели, креативци – колку што има извори, велат. Нивната заложба е, пред сѐ, уметниците да станат дел од селското секојдневие, а не само да работат во нивниот простор. Само така тие вистински ќе ја почувствуваат магијата на селото, регионот и на нашата земја воопшто, велат тие.

Стано Бубан од Словачка, рекол: „Рајот постои и тој се наоѓа токму овде, во Слоештица, Македонија!“ (Фото: „Арт поинт гумно“)

 

„Уште пред да дојдат уметниците, селаните нѐ прашуваат: ‘Кој ќе идит годинава?’; а кога ќе пристигнат нашите гости, секогаш се предмет на љубопитни прашања, најчесто за нивната брачна состојба. Доколку некој не е женет/мажена, е тогаш почнува да се развива селскиот проект за наоѓање на најадекватен партнер. А тој/таа не мора да е од Слоештица, туку се бара и пошироко, во цел Горен и Долен Демир Хисар, па и во Прилеп или Битола. Битно е да се најде идеалниот партнер според мерката на стројниците“, велат Ирина и Сергеј.

Меѓу првите нивни странски гости во Слоештица, бил Јоаким Блајнштајн, тогашен директор на Градската галерија на Нирнберг, „Кунстхаус“.
„Со него сакавме да размениме мислења за идејата и официјално да се формира меѓународен центар за уметност во Слоештица. Токму нему му ја посветивме и последнава изложба, во МКЦ Скопје. Тој рано се будеше и вообичаено, одеше на прошетка низ селото и на кафе-муабет во селската кооперација. Посакал да си купи чоколадо. Никој не можел да разбере што сака, не поради фактот што не го разбрале зборот, тој и со прст им го покажувал на полицата од селската продавница, но никој не можел да поверува дека возрасен маж би јадел чоколадо во кооперација, и воопшто. Проблемот бил решен, дури откако им нацртал дете како јаде чоколадо“, ни рекоа Андреевски.

„Скок“, фотографија од проект на Ерика Харис, уметница од Бруклин (Преземена фотографија од нејзиниот сајт)

Во 2004, по препорака од АСОЛАРЕ фондацијата за уметност од САД, во Слоештица гостувал Даниел Педл,  уметник, кастинг директор и режисер од Њујорк, со неговата асистентка Ивет Војчјеховски. Тој работел акварели, таа фотографирала, а заедно го монтирале документарниот филм за жените од подземјето на Њујорк „Агресивците“ (The Aggressives).
„Во Слоештица престојуваа четири недели, Даниел секое утро џогираше. Еден ден, ми се јави еден соселанец кого го викаат ‘Искрениот’ (оти е вешт во извртување на вистината, а во Слоештица секој си има оригинален прекар) и ми вели: ‘Сергеј, што туку трча оној уметникон, го брка некој?!“ Јас му велам: ‘Тој внимава на својот изглед и здравје!’. А тој возвраќа: ‘Речи му, нека си дојт кај мене во нивана, ќе му даам една мотика, има да стане манекен! А за здравјето, секогаш имам ракија!“, шеговито кажува Андреевски.

Гостите редовно ги вклучуваат во проектите што ги работат за заштита на природата и биодиверзитетот, а со свои дела и перформанси учествуваа и на мултимедијалната манифестација „Славење на Пирејот“ што во соработка со Јелена и Владо Цветановски ја организираа 11 години по ред. Вообичаено, пред секоја манифестација, што секогаш се совпаѓаше со празникот на селото, Голема Богородица, со уметниците и децата, организирале акција за чистење на селото.

Фотографија од Војнеица

„Во една прилика, ни најавија дека е можно на манифестацијата да дојде и тогашниот евроамбасадор на Македонија, Ерван Фуере. Се прашувавме, како да ги мотивираме сите селани да се вклучат во разубавувањето на селото. Некој од уметниците предложи да се искористи ефикасноста на селската ‘Ти реков – ми рече’. Па така, направивме сценарио: неколкумина да поминат крај дворот на Војнеица, кадешто таа, божем миејќи на чешмата, љубопитно ги апсорбираше сите информации однадвор. Информацијата дека доаѓа Фуере беше гласно изговорена близу чешмата на Војнеица. Не поминаа ниту 20-тина минути, кога се јави Балеица, жената на овчарот од спротивната страна на селото: ‘Сергеице, вистина Фуере ќе идел за Богоројца?!’ Значи, пионери сме и во безжичниот интернет (ха, ха).
А кога говориме за Фуере, да спомнеме и дека американскиот уметник Дик Робертс, кому му изградивме куќа во селото, го викаат ‘Фуере’, бидејќи, со големи симпатии кон него, сметаат дека е значаен“, ни кажаа Ирена и Сергеј.

Меѓу впечатоците кои ги споделуваат гостите, ни ги пренесоа тие на Ерика Харис од Њујорк, која вели „Престојот во Слоештица беше неповторливо искуство – можноста да преземеш толку богата култура и истовремено да создаваш е вистински благослов. Се чувствував како да сум гостин на целото село. Ми беа дадени училиште, светилиште, семејство, фарма. Малкумина можат да се пофалат дека добиле толку топла покана, дека биле толку добредојдени и заштитени и обезбедени. На здравје, Слоештица!“, а пак Стано Бубан од Братислава, Словачка, рекол: „Рајот постои и тој се наоѓа токму овде, во Слоештица, Македонија!“.

Б. НЕСТОРОСКА

Фото: Даниел Педл ја портретира Цвета од Поповци „Арт поинт гумно“