„Постои само една вистинска Лоис Лејн“, изјави Ричард Донер, режисерот на првите два дела на „Супермен“, по смртта на Марго Кидер.
Канадската актерка, која почина во неделата на 69-годишна возраст, е една од многуте кои ја играа репортерката и придружничка на омилениот суперхерој. Пред неа, Лоис Лејн биле Ноел Нил и Филис Коутс, потоа и Кејт Босворт, Тери Хачер и Ејми Адамс, но за многумина, токму таа и Кристофер Рив останаа дефинитивни и антологиски верзии на овие два лика.
Рив и Кидер не беа големи филмски имиња кога Донер во 1978 година ги ангажираше за насловните улоги во „Супермен“, покрај веќе легендарните Марлон Брандо и Џин Хекман.
„Марго и Кристофер беа како спротивни полови. Тој беше актер трениран на ‘Џулијард‘, а таа беше девојка од ранч. Тоа беше како град да се среќава со село. Но, таа беше многу силна и заштитничка личност и застана зад Донер кога тој беше отпуштен по вториот филм. Затоа и не се појавува многу во третиот дел“, кажа нејзиниот колега од франшизата, Џон Мекклур.
Тој додаде дека целата екипа и потоа останала во добри односи. Рив и Кидер биле како брат и сестра, и се привлекувале и не се поднесувале еден со друг.
„Хемијата помеѓу нас беше автентична, затоа што доаѓавме од слични средини и тој личеше на еден од моите браќа. Цело време се каравме, што на екипата ѝ беше непријатно. Во следен момент би играле шах или нешто друго, затоа што толку бевме добри пријатели. Имаше некоја романтична енергија помеѓу нас“, се присети Кидер во едно неодамнешно интервју.
И двајцата потоа не ја повторија оваа популарност, но и животот не ги милуваше: Рив остана парализиран по пад од коњ во 1995 година и почина девет години подоцна, додека Кидер се мачеше со ментални проблеми.