СВЕТЛАНА БОЈКОВИЌ ВО АПРИЛ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ СО КОМЕДИЈАТА „ЦЕЛОТО ТЕЛО ТУКА МЕ БОЛИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Српската актерка Светлана Бојковиќ ќе гостува во Скопје на 8 април, во Националната опера и балет, со главната улога во претставата „Целото тело тука ме боли“ (Цело тело ту ме боли), објави „Јес продукција“. Заедно со Бојковиќ, во претставата играат и Радован Вујовиќ и Андријана Оливериќ. Текстот и режијата се на Никола Пејаковиќ.
Главната тема во комедијата „Целото тело тука ме боли“ е односот помеѓу доминантна мајка и син единец. Нивната врска се движи од жестоки конфликти до голема блискост, а доминира малограѓанството на мајката која го разгалила синот. Претставата е направена според мотиви од драмата „Лекција” од француско-романскиот драматург Ежен Јонеско и игра на редовниот репертоар на белградскиот „Театар на брду“.
Светлана Бојковиќ кариерата ја започнала во 1967 година со филмот „Еден ден мој Јамеле“. Играла бројни театарски, филмски и телевизиски улоги, од кои попознати се оние во филмовите „Кучето што ги сакаше возовите“ „Некоја друга жена“ и „Ало такси“. Најголема популарност ѝ донесе улогата на Емилија Попадиќ во серијата „Подобар живот“, а играше и во сериите „Среќни луѓе“ и „Семејно богатство“. Има добиено многу награди, меѓу кои и Стеријина награда во 2019 за особени заслуги за напредокот на театарската уметност и култура.