Десетина јавни личности и нивни блиски сношти беа модели на ревијата на венчални фустани, која секоја година го отвара традиционалниот Саем за венчавки.
Моделот Светлана Црнокрак и нејзините ќерки Моника и Нина Црнокрак, водителката Марјана Станојковска, водителката Јелена Спасиќ, шампионката во кик-бокс Марија Костовска, водителот Мирослав Кацаров, поранешниот мистер на Македонија и шампион во боди билдинг Драган Стојчевски беа дел од моделите на ревијата која ја водеше Сања Савеска.
Кик-боксерката и моден дизајнер Марија Костовска како модели ги покани своите сестри Моника и Магдалена. Моника Костовска, која е физиотерапевтка се сврши со својот партнер Ване, откако за време на нејзиното појавување, тој ја побара за жена.
„Ова беше изненадување за сестра ми, и знаевме само јас и другата сестра, Магдалена. Нашите родители не знаеја, се плашев да не им се слоши од возбуда. Знам дека ова е ревија само на познати личности, но јас ги замолилв организаторите да учествуваат моите сестри, бидејќи ми се инспирација за креациите, и тие се за мене најпознатите личност“, ни рече дизајнерката и кик-боксерка Марија Костовска.
Последна на ревијата се појави водителката Лила Стојановска која не облече венчален фустан, туку беше модел на накит.
И минатата година, познатата водителка ја затвори ревијата, веднаш откако во едно интервју кажа дека се оперирала од рак на дојка и по завршувањето на хемотерапиите.
Пред ревијата, настап имаше Пламенка Трајковска и нејзиниот гудачки оркестар, а по нив пееше триото „Џентлмен“.
Саемот се одржува по 12. пат и ќе трае до 25 февруари од 10 до 20 часот. Го организира продукцијата „Во бело“.
М. ЏАРОВСКА