ТАЛИН МИ Е ВЕЌЕ ВТОР ДОМ, ВЕЛИ БАЛЕРИНАТА САША ЕВТИМОВА, КОЈА ТРЕТПАТ ВОДИ БАЛЕТСКИ СЕМИНАР ВО ЕСТОНИЈА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Балерината од Националната опера и балет (НОБ) и кореографка Саша Евтимова изминатиов период престојуваше во Талин, Естонија, каде третпат работеше со ученици на семинар.

Соработката почнала во 2015/16, кога била поканета од директорката на балетскиот оддел во Талин, Каие Корб, да работи со најдобрите ученици за нивниот завршен годишен концерт. Во 2021 повторно била поканета од Корб да биде дел од семинарот на Балетот во Талин, а организатор на целиот проект е Дмитри Харченко.

„Тоа е можеби единствениот таков балетски семинар бидејќи учесниците имаат можност да работат со кореограф и да излезат на сцена со костими, светла, пред публика. Семинарот трае три недели, поделен е на три групи – предшколска возраст, основно училиште и средно училиште и е наменет за деца кои сѐ уште немаат завршено школо. Работат со различни професори по класичен балет, модерен и па де де, а дел од активностите се и изучување на floor-barre, истегнување и кунг фу“, ни изјави таа.

Евтимова (втора од лево) и на крајот на годинав ќе се врати пак да работи во Талин. (Фото: В. Рехемае)

Првата година работела на дел од „Заспаната убавица“ и на две модерни кореографии, потоа му била асистентка на  Харченко, а оваа година работеле две претстави, „Fairy doll“ и најдоброто од Корсар.

„Посебно ми е драго што се запознав со Дмитри, бидејќи начинот на кој работи е навистина уникатен, полн е со идеи, и точно знае како да ги адаптира претставите кои се наменети за професионални играчи и да ги постави за деца. А, особено ми е драго што преку работата со него научив доста за историјата на балет, бидејќи тој едно време и предавал историја на балет во балетското училиште. Со него некако со поглед се разбираме, можеби тоа е и причината за оваа убава соработка што ја имаме низ годините. Талин го чувствувам како втор дом, веќе се чувствувам локално, полека го учам естонскиот јазик“, рече балерината.
При крајот на годината или на почетокот на 2025 повторно ќе се врати во Талин и на покана на Колб ќе работи во балетското училиште со нејзините ученици.

Б. НЕСТОРОСКА

Фото: В. Рехемае