На 2 ноември во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Тарзан“ од словенечкиот драмски авто Рок Вилчник, во режија на Александар Јовановски.
Драмскиот текст „Тарзан“ од Вилчник е црна комедија, во која комичниот ефект се постигнува со комбинирање на типизирани ликови и неочекуваните ситуации во кои се сместени.
„Спокојниот и идиличен брачен живот во џунглата на благородниот дивјак Тарзан и неговата жена Џејн почнува да доживува криза кога кај Џејн се јавува здодевноста од едноличните секојдневија и од ограниченоста на можностите. Во нивниот живот се појавува хиената Мајк. Мајк е елоквентен, забавен, духовит, но и манипулативен и успева да ја заведе и да ја заслепи Џејн, подгревајќи ги нејзините апетити за луксузен и удобен човечки живот што не може да го има со Тарзан. На повидок е љубовен триаголник, што е референца за современиот урбан човек, кој интимните прашања ги сведува на трансакциски односи. Идејата за инстинктот и за разумот добива нови нијанси и секој лик-теме од овој триаголник ги открива своите мрачни страни“, најавуваат од Театар Комедија.
Играат: Едмонд Сотир (Тарзан), Ева Скендеровска (Џејн) и Столе Мицов како Мајк.
Вилчник (1968) е истакнат словенечки поет, драмски писател, режисер, сценарист и драматург. Автор е на четири поетски збирки, четири романи, повеќе од 35 драмски текстови. Неговите пиеси биле девет пати номинирани за Грумовата награда, што ја добил трипати за драмите „Тоа“ (2000), „Ѓубре на месечината“ (2008) и „Народен демократски циркус Сакешвили“ (2016).
Костимите се на Марија Ѓоргиевска, сценографијата на Милан Несторов, музиката на Лука Тошев.