ТЕАТАРОТ ГО ОСЛОБОДУВА СТРАВОТ, А ОСЛОБОДЕН ЧОВЕК Е СРЕЌЕН, ВЕЛИ АКТЕРКАТА КОНЕСКА-РУСИ ВО ПОРАКАТА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска е Светски ден на театарот, но наместо претстава и традиционално читање на меѓународната и на националната порака, овојпат сцените и салите се празни поради пандемијата на коронавирусот. Сите театри преку социјалните мрежи ги објавуваат пораките и најавуваат дека денот дополнително ќе биде прославен.

Актерката од Македонскиот народен театар (МНТ) Снежана Конеска-Руси е авторка на годинашната национална порака.

„Генерации глумци заминуваат – театарот останува. Опстојува, пркоси на просторот и времето. Паѓа – се крева, се урнисува – се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува сѐ: беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури… и секогаш истото прашање – може ли театарот повеќе од ова долу? Театарот му пркоси и на филмот. Стравував од доминацијата на филмот. Телевизијата, пак, го тера гледачот да ги заборави своите маки и порази, а да ги преживува туѓите. Телевизијата го прави гледачот мртов.
Гледачот во кино сака да се скрие од светот, да преземе доживувања кои самиот ги нема. Гледачот во театар вистински ужива. Театарот е лековит. Ослободува од страв, а човек ослободен од страв живее, се радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар“, се вели, меѓу другото, во пораката на Конеска-Руси.

Авторот на светската порака по повод Светскиот ден на театарот е драмскиот автор и новинар од Пакистан, Шахид Надим.