ТЕШКО БОЛНАТА ФУДБАЛСКА ЛЕГЕНДА ГЕРД МИЛЕР ГО СЛАВИ 75. РОДЕНДЕН ДОДЕКА ПОЛЕКА ГО ЧЕКА СВОЈОТ КРАЈ

Минхен, (ДПА)

Герд Милер има само 1,76 метри, но беше крал во 16-никот.

Ниеден германски напаѓач пред и после популарниот Бомбер не може да се рамни со него. Никој не постигна толку голови, што тој го правеше на речиси секој натпревар и на секаков начин: од свртување, со лева и со десна нога, со глава, дури и седнат на трева.

Германскиот крал на голгетерите денеска полни 75 години, но неговата сегашна состојба ја натажи нацијата. Милер страда од Алцхајмерова болест и е сместен во дом за грижа на стари лица.

„Тој секогаш бил борец, секогаш храбар. Таков е и сега. Тој тивко и мирно го чека својот крај. Се надевам дека не може да мисли на својата судбина, на болеста која го лишува од достоинството“, изјави неговата сопруга Уши Милер.

Таа вели дека за роденденот ќе гледаат телевизија, како и секој друг ден.

Милер е најефикасниот фудбалер во историјата на Бундеслигата, откако постигна 398 голови на 453 натпревари за Баерн. Со Германија беше и европски и светски првак, но по завршувањето на кариерата во 1982 се бореше со алкохолизам, што му донесе големи здравствени проблеми.