ТОМ ХЕНКС ЈА ПРОДАВА „ПЕГЛИЧКАТА“ ШТО ЈА ДОБИЛ ОД ПОЛСКИТЕ ФАНОВИ ЗА РОДЕНДЕН

Лос Анџелес, (Мотор1)

Том Хенкс е познат како фанатик за автомобили, а еден од најнеобичните модели во неговата колекција е „полски фиат 126п“ од 1974 година. Тој сега го продава автомобилот што го добил како роденденски подарок, а собраните средства се наменети за две хуманитарни фондации. На ден пред затворањето на аукцијата, постигнатата цена е 57.000 долари.

Како што појасни во придружното видео, Хенкс во 2016 доста патувал по источна Европа, при што се фотографирал со стари автомобили што ги среќавал на улиците. Дел од нив биле и „пеглички“, по што една негова обожавателка дошла на идеја да му се подари еден примерок.

Со помош на група луѓе од Бјелско-Бјала, каде што се произведувал, таа собрала пари да се купи еден „фиат 126п“ за Хенкс, кој притоа бил доработен и персонализиран.

Белиот автомобил му бил предаден на Хенкс во 2017 и оттогаш со него поминал само 483 километри, како што е наведено во документите за продажба.