Елиминацијата на Германија во четвртфиналето на Европското првенство значеше и крај на кариерата на Тони Крос, еден од најпочитуваните играчи од среден ред во поновата фудбалска историја. Иако само 34-годишен, Крос претходно најави дека мечевите на ЕП во Германија ќе му бидат последни.
„Секој натпревар овие недели можеше да ми биде последен, но ова е тоа. Горд сум на нашиот тим. Направивме чекор напред во однос на тоа каков беше тимот пред пет-шест месеци. Овој тим има голема иднина и се надевам дека ќе расте. Ќе го гледам на телевизија“, кажа Крос по средбата со Шпанија, на која Германија прими гол во 119. минута.
Во 17-годишната професионална кариера, Крос беше светски првак со Германија и шест пати ја освои Лигата на шампионите.
Роден во источна Германија, Крос дебитираше за првиот тим на Баерн на 17 години, но најголемиот дел од кариерата го помина надвор од татковината, во Реал Мадрид. Тоа му овозможи да вкуси повеќе европски успеси од своите сонародници, па дури петпати славеше во Лигата на шампионите со мадриѓаните.
Во објавата за завршувањето на кариерата, Крос никаде не ги спомна Баерн и германската репрезентација, што навестува дека помеѓу нив немало секогаш блескави односи, како во случајот со Мадрид. Крос наводно го напуштил Баерн зашто управата не го ценела и плаќала доволно.
„Дали грешам или тој е најголемиот фудбалер што го имаме? Никој не беше толку успешен, без сомнение“, изјави германскиот репрезентативец Џошуа Кимих по мечот со Шпанија.
(Фото: Гети)