Даниел Малдини стана третата генерација на своето семејство која заигра за фудбалската репрезентација на Италија. Дваесет и тригодишниот Малдини дебитираше на средбата против Израел во Лигата на нации, заменувајќи го Џакомо Распадори на 16 минути до крајот.
Неговиот татко Паоло, кој беше на трибините во Удине, забележа 126 настапи за Италија, а дедо му Чезаре 14 пати беше репрезентативец. Ова е прв ваков случај во италијанскиот национален тим.
„Среќен сум што заиграв и што мечот помина добро. Мило ми е што моите родители ме гледаа“, изјави младиот Малдини, кој игра како офанзивен играч за врска.
Тој потекнува од школата на Милан, за кој играа и татко му и дедо му. За првиот тим дебитираше во 2020, но во меѓувреме беше позајмуван во Специја, Емполи и Монца, со која потпиша постојан договор во јули годинава.
(Фото: Имаго)