ЦЕЛА БРИТАНИЈА СЕ ОДЗВА НА КАМПАЊАТА НА ФУДБАЛЕРОТ МАРКУС РАШФОРД ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ БЕСПЛАТНИ ОБРОЦИ ЗА ДЕЦАТА ЗА ВРЕМЕ НА РАСПУСТОТ

Манчестер, (Би-Би-Си)

Напаѓачот на Манчестер јунајтед Маркус Рашфорд изјави дека никогаш не бил погорд со тоа што е Британец откако целата земја се одзва на неговата кампања да се обезбедат бесплатни оброци за децата за време на распустот.

Локални власти и бизниси понудија да им обезбедат храна за време на распустот на оние деца кои имаат право на бесплатен оброк, откако оваа мерка беше одбиена од пратениците во парламентот. Дваесет и двегодишниот англиски репрезентативец водеше ваква кампања и летоска и тогаш успеа да го премисли парламентот, кој претходно инсистираше дека семејствата чии деца имаат право на бесплатен оброк нема да добиваат ваучери и по завршувањето на учебната година.

„Пресреќен сум со поддршката во овие тешки времиња кога локалните бизниси ги чувствуваат уништувачките ефекти на пандемијата  Суперѕвездите на оваа нација лежат во локалните заедници. Не можам да ви се заблагодарам доволно“, напиша Рашфорд на Твитер, споделувајќи ги пораките на малите бизниси кои кажаа дека ќе ја помогнат неговата кампања.

Мали продавници за храна, пабови, кафулиња, ресторани, но и општински совети од спротивставените политички страни ветија дека ќе обезбедат бесплатни оброци за децата.

Рашфорд неодамна доби витешка титула од кралицата Елизабета Втора откако неговата кампања помогна 1,3 милиони деца да добијат ваучери за бесплатни оброци и преку летото.