Серена Вилијамс вели дека црниот костим што го носеше во првото коло на Ролан Гарос е многу повеќе од моден стил.
Припиениот костим со долги ногавици е дизајниран да ја штити од крвни згрутчувања, но тој не е само практичен. Преку него, Серена сакаше да испрати порака, откако со победа се врати на гренд слем турнирите, девет месеци по породувањето.
„Ми се чини дека овој костим ги претставува сите жени кои поминаа низ многу нешта со своето тело, и физички и ментално и кои имаа доволно верба во себеси. Мислам дека ова е можност да инспирирам цела една различна група на неверојатни жени и деца“, кажа Серена по победата над Кристина Плискова со 2:0 во сетови.
Серена во сличен костим на жена мачка настапи и на Ју-Ес опен во 2002 година, па вели дека ова е нова верзија.
„Овој костим е инспириран од Ваканда. Ние го дизајниравме многу пред филмот ‘Црниот Пантер‘, но, сепак, ме потсетува на тоа. Се чувствувам како принцеза воин кога го носам костимот. Отсекогаш сум живеела во свет на фантазии и сум сакала да бидам суперхерој“.
Серена ја роди ќеркичката Алексис Олимпија на 1 септември, по што се бореше со сериозни компликации од белодробна емболија, откривајќи дека скоро починала при породувањето.
„Имав многу проблеми со крвни згрутчувања, само Господ знае колку сум ги имала во последните 12 месеци. Овој костим помага крвта да циркулира и да играм без проблеми“.