АДЕЛ ПО 12 ГОДИНИ СЕ ВРАТИ КАКО ПЕЈАЧКА И ВОДИТЕЛКА ВО НАЈСТАРОТО АМЕРИКАНСКО ТВ-ШОУ

Лос Анџелес, (Пипл)

Британската ѕвезда Адел се шегуваше за својата тежина и им кажа на фановите дека албумот сѐ уште не ѝ е готов, откако по 12 години се врати во популарното американско шоу Saturday Night Live (СНЛ), овој пат како водителка.

„Знам дека изгледам многу, многу поразлично од последниот пат кога ме видовте. Тоа е поради сите ковид рестрикции, можев да донесам само пола од мене“, кажа 32-годишната Адел.

Пејачката претходно призна дека е возбудена и преплашена што во исто време ќе пее и ќе биде водителка на СНЛ и се потсети на нејзиниот прв настап во шоуто пред повеќе од една деценија.

„Поминаа речиси 12 години од денот кога првпат се појавив во шоуто, што го означи мојот пробив во САД. Тоа беше епизодата во која Тина Феј ја имитираше Сара Пејлин и милиони луѓе гледаа. Кругот со ова се заокружува и едноставно не можев да речам не“, кажа Адел.

Тоа беше најдобро оценетата епизода на СНЛ во 14 години и преку ноќ ја лансираше Адел во голема ѕвезда. Сепак, наспроти шпекулациите, таа не го искористи својот прв настап во САД по пауза од три години за да најави нов албум, на кој се чека веќе пет години.