АНИМИРАНИОТ ЛИК БЛУИ ЌЕ ГО ДОБИЕ ПРВИОТ ДОЛГОМЕТРАЖЕН ФИЛМ

Лондон, (Би-Би-Си)

Популарното анимирано куче Блуи се сели на големото платно и ќе ја добие својата прва долгометражна верзија. Филмот прво ќе игра во кината во 2027, а потоа ќе може да се гледа на стриминг платформата „Дизни+“, кој ќе го работи проектот заедно со Би-Би-Си.

Блуи е сино куче кое живее со мајка му, татко му и помалата сестра Бинго, а секојдневните настани ги претвора во авантури.

„Отсекогаш мислев дека Блуи заслужува да има филм. Сакам тоа да биде искуствен настан за целото семејство“, кажа креаторот на серијата Џо Брум.

ТВ-серијата „Блуи“ беше нарачана од Би-Би-Си и Еј-Би-Си во 2017 и ја прави австралиската продукциска компанија „Лудо“. Денес е достапна во повеќе од 140 држави.