Членовите на „Секс пистолс“, Стив Џонс и Пол Кук, му се придружија на режисерот Дени Бојл на црвениот тепих за премиерата на новата серија „Пистол“, која го следи подемот и падот на легендарната британска панк група. Меѓу присутните не беше фронтменот Џон Лајдон, кој беше критичен кон проектот и дури најави тужба во обид да ја блокира употребата на музиката на „Секс пистолс“.
Заснована врз мемоарите на гитаристот Џонс, серијата во шест епизоди ја раскажува неговата приказна за групата која постоеше само три години, но успеа да стане омразена кај британскиот естаблишмент и обожавана од бунтовната младина благодарение на своите анархистички ставови.
Членовите на групата ги играат млади и непознати актери, сите родени по нејзиниот распад.
„Никогаш не сум пеел порано и тоа е најпосебниот момент во оваа серија за мене. Секоја свирка што ја има во серијата е отсвирена во живо. Поминавме три месеци во камп за да научиме да свириме“, вели Енсон Бун, кој го игра пејачот Џони Ротен.
Во серијата се појавуваат и други легендарни ликови од тоа време, како Малколм Мекларен и Вивиен Вествуд. „Пистол“ ќе се прикажува на „Дизни+“ и „Хулу“ од 31 мај.