Ејч-Би-О даде зелено светло за снимање на приквел серија на „Игра на тронови“.

Насловена „Куќа на змејот“, таа ќе се случува 300 години пред дејството во оригиналната серија, која заврши оваа пролет како најнаградувана серија на сите времиња.

Оваа објава уследи само неколку часа откако беше соопштено дека планираната приквел серија со Наоми Вотс се откажува.

„Задоволство ми е да соопштам дека нарачавме десет епизоди од серијата ‘Куќа на змејот‘ за Ејч-Би-О. Таа ќе ја раскаже приказната за куќата Таргарјен и за раните денови на Вестерос“, изјави Кејси Блојс, претседателката на програмата на Ејч-Би-О.

Продуценти на серијата ќе бидат Џорџ Р. Р. Мартин, Мигел Сапочник и Рајан Кондал и засега нема информации за кастингот и за датумот на премиерата.

Ејч-Би-О летоска сними пилот-епизода за неименувана приквел серија, но „Холивуд рипортер“ вчера објави дека таа, сепак, нема да се снима. Тој наводно не бил добро прифатен од ТВ-мрежата.