НЕМА ВЕЌЕ СЛИКАЊЕ ГЕЈШИ ВО КЈОТО, ОДЛУЧИ ЛОКАЛНОТО НАСЕЛЕНИЕ

Кјото, (Си-Ен-Ен)

Историската туристичка атракција Гион во Кјото, кој важи за дом на најголем дел од јапонските гејши, забрани фотографирање поради честото недолично однесување на туристите.

Со растот на туризмот во Јапонија, Кјото се мачи да го зачува традиционалниот начин на живеење. Локалното население на Гион, кој е препознатлив по тесни улички и мали куќарки, затоа изгласа забрана на фотографирање за да си ја заштити приватноста. Прекршителите ќе бидат казнети со 10.000 јени, односно 92 долари.

Со растот на туризмот во Јапонија, Кјото се мачи да го задржи локалниот начин на живеење (Фото: Си-Ен-Ен)

Додека некои туристи уживаат во едноставната прошетка и пејзажите или, пак, посетуваат традиционални чајанки, има и непристојни кои ги сликаат гејшите и нивните ученички. Освен што ги сликаат без дозвола, понекогаш ги бркаат низ улиците и ги допираат за облека или коса. Имало случаи и на влегување во приватни имоти.

Во 2017, Кјото издаде водичи на англиски јазик со упатства како да се однесуваат туристите, а наведени се и казните за пушење во јавност и возење велосипед во пијана состојба.