ЕФЕКТИТЕ НА ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ СЕ ЗАБРЗУВААТ, СЕ ВЕЛИ ВО НОВ НАУЧЕН ИЗВЕШТАЈ ВО ПРЕСРЕТ НА САМИТОТ НА ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Ефектите и влијанието на глобалното затоплување се забрзуваат, се вели во нов научен извештај за климатските промени, објавен во пресрет на самитот на оваа тема во Обединети нации, кој почнува утре.

Податоците собрани од Светската метеоролошка организација (ВМО) покажуваат дека петгодишниот период 2014-2019 бил најтопол досега. Глобалните температури пораснале за 1,1 Целзиусов степен од 1850 година, а само во последните пет години за 0,2 степена.

Ова е последица на огромните емисии на јаглероден диоксид во атмосферата, што во овој период било за 20% поголемо отколку во претходните пет години. Можеби, најзагрижувачките податоци се однесуваат на нивото на морето.

Просечната стапка на покачување од 1993 до денес изнесува 3,2 милиметра годишно, но од мај 2014 до 2019 тоа било пет милиметри годишно.

„Покачувањето на нивото на морето се забрзува, што во иднина уште повеќе би можело да биде поттикнато од топењето на мразот на Арктик и Гренланд. Видовме годинава колку трагични последици ова имаше во Мозамбик и Бахами“, изјави генералниот секретар на ВМО, Петери Талас.

Околу 60 шефови на држави ќе учествуваат на специјалниот самит за климатски промени на ОН и од нив ќе се очекува да објават нови мерки и акции против глобалното затоплување. Некои големи држави како САД, Јапонија, Австралија и Бразил нема да земат учество.