Едукативно-музичкиот серијал „Дајте музика“ се враќа по речиси три децении. Во копродукција на Македонската радио телевизија и продукцијата „Рифенштал” се снимаат нови 30 епизоди од шоуто, кое освен што ги забавуваше младите, им помагаше на родителите во воспитувањето на децата низ случките на Трајче, Сара, Наташа, Раде и Оливер.
Автори на продолжението се Лазар и Цаци Паковски, а најголем дел од протагонистите се од актерската школа на Весна Петрушевска, која е и инструктор по актерска игра во проектот. Серијалот е во режија на Лазар Паковски и Владимир Митревски.
„Денес, по 27 години, една навидум незначајна средба на првиот училиштен ден ќе им го промени животот на главните ликови Јован, Филип, Тео, Наташа, Саша и Кики, како и на дваесетина други деца на возраст од шест до 11 години, кои повторно ќе го пронајдат старото маало, кое ќе стане свртилиште на една нова генерација и старо-ново место за забава, игри и први симпатии. Сакаме да ги инспирираме децата да се вратат на местата на кои им припаѓаат, како маалски паркови и улички и училишни дворови“, вели Цаци Паковска, еден од носителите на проектот.
Серијата повторно ќе изобилува со музика, а новите детски хитови ги потпишуваат Никола Перевски-Пере, Роберт Билбилов, Ристо Самарџиев, Игор Џамбазов и други. Во серијалот ќе се појават и познати домашни музичари, како Каролина, Тамара, Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Лозано, Елена Ристеска, Бени Шаќири, Дарио, Дани и „Нокаут“. Улогата на мајстор ќе ја толкува Ѓокица Лукаревски, полицаец ќе биде Нино Леви, а ќе гостуваат и други актери и познати македонски спортисти.