Француската актерка Камил Раза изјави дека излегува од хит-серијата „Емили во Париз“ откако го глумеше ликот на Камил во досегашните четири сезони. Петтата сезона ќе почне да се снима во мај во Рим, пред да се пресели во Париз во текот на летото.
Ликот на Раза од обожавателите на серијата често беше оценет како негативец, бидејќи претставуваше пречка за врската на Емили (Лили Колинс) и Габриел (Лукас Браво).
„По неверојатно патување, донесов одлука да се повлечам од ‘Емили во Париз’. Тоа беше навистина прекрасно искуство, исполнето со раст, креативност и незаборавни спомени. Многу сум му благодарна на целиот тим во ‘Нетфликс’ и ‘Парамаунт’ за нивната доверба и што ми дадоа можност да ја оживеам Камил и да ја оставам отворена вратата за нејзино враќање, бидејќи таа секогаш ќе биде дел од светот на ‘Емили во Париз’. Овој лик ми значеше многу и чувствувам дека нејзината приказна природно дојде до крајот. Имам чувство дека ова е вистински момент да се истражат нови хоризонти“, изјави 31-годишната Раза за „Индипендент“.
Се очекува петтата сезона да биде премиерно прикажана при крајот на оваа година.