Полека се откриваат деталите за серијата „Господар на прстените“, што ја прави „Амазон“ и која се најавува како најскапа во историјата. Таа ќе биде насловена „Господар на прстените: Прстените на моќта“ и ќе има премиера на 2 септември.
„‘Прстените на моќта‘ ги обединува сите важни приказни од Второто доба на Средна Земја: ковањето на прстените, подемот на мрачниот господар Саурон, легендарната приказна за Нуменор и Последната алијанса на џуџињата и луѓето. Публиката досега ја виде приказната за само еден прстен, но пред да има еден, ги имало многу“, велат авторите на серијата Џеј Ди Пејн и Патрик Мекеј.
Снимањето на првата сезона се одвиваше во Нов Зеланд, додека втората ќе се снима во Велика Британија. „Амазон“ плати 250 милиони долари само за правата за адаптацијата, а снимањето на првата од најмалку пет сезони чинело 465 милиони долари.
Засега има малку детали од содржината, но познато е дека Второто доба почнува по протерувањето на мрачниот господар Моргот и завршува со првата смрт на неговиот слуга Саурон.