СИТЕ НÈ РАЗОЧАРА, НО ТОЈ Е НЕВЕРОЈАТЕН УМЕТНИК, ВЕЛИ РОБИН РАЈТ ЗА КЕВИН СПЕЈСИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Актерката Робин Рајт кажа дека го познавала Кевин Спејси само како неверојатен уметник, огласувајќи се за првпат откако нејзиниот сега веќе поранешен колега од „Куќа од карти“ минатата есен се соочи со сериозни обвинувања за сексуален напад.

Тие пет сезони ја играа моќната двојка од Белата куќа, Френсис и Клер Андервуд, пред тој да биде отпуштен од серијата.

„Јас не го познавав него како човек, туку само како неверојатен уметник. Ние се дружевме само меѓу снимањата на две сцени, кога малку би се шегувале“, вели Рајт во ексклузивното интервју што вечерва ќе биде емитувано на Ен-Би-Си.

„Тоа беше силен шок. Сите бевме разочарани и тажни кога слушнавме за обвинувањата. Сепак, гледавме напред и среќа што бевме во можност да ја комплетираме серијата“.

И покрај тоа, Рајт вели дека Спејси секогаш бил полн со почит кон неа.

„Имавме многу професионален однос, полн со почитување. Тој секогаш беше добар кон мене, никогаш не ме омаловажил“.

Робин Рајт, за која се вели дека ја спасила серијата од предвремено згаснување, ќе ја преземе главната улога во шестата сезона, која беше најавена на 4 јули.