ТВ-СЕРИЈАТА „ЗОКИ ПОКИ“ ЌЕ СЕ ЕМИТУВА НА ШВЕДСКИОТ НАЦИОНАЛЕН КАНАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шведскиот национален канал СВТ ги откупи правата за ТВ-серијата „Зоки Поки“, работена според истомената култна книга на Оливера Николова, кажа продуцентот Роберт Насков на денешната прес-конференција.

„Ова е огромен успех за нас, имајќи ги предвид високите скандинавски стандарди за телевизиска и филмска индустрија. Со ова се потврдува универзалноста на темите и пораките што се застапени во серијата и допираат до другите делови на Европа. Се потврдува безвременоста на делото на Николова и секако, се потврдува квалитетот на македонската продукција”, рече Насков.

Продуцентите најавија дека модерната екранизација на легендарната книга на Николова ќе продолжи со снимање на втора сезона, во која ќе ги следиме приказните и случките на Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки. Првата сезона се емитуваше лани во мај.

Според СВТ, серијата има силен филмски израз и промовира важна европска вредност, а тоа е родовата еднаквост во поделбата на семејните обврски.

Серијата е во продукција на „Кино око“, во копродукција со МРТ. Режисер на серијалот е Александар Поповски, а десетте епизоди ги режираа и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Адаптацијата на серијата ја работеа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Зоки Поки го игра Матеј Настевски, Лидија е Анастасија Аневска, Боки е Матео Матоски, а Гоки е десетгодишниот Матеј Зимбаков. Сашко Коцев и Даниела Иваноска ги играат родителите на Зоки, а бабата е Сабина Ајрула-Тозија.

К. СЕЛАМОВСКА