ВНУКОТ НА ГРЕГОРИ ПЕК Е НОВИОТ СПОК ВО „ЅВЕЗДЕНИ ПАТЕКИ“

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Итан Пек е избран да го глуми Спок во втората сезона на „Ѕвездени патеки: Дискавери“, како трет актер кој ќе го игра овој легендарен лик. Ова ќе биде најзначајната улога во кариерата на 32-годишниот американски актер, кој е внук на легендарниот Грегори Пек.

„Низ 52-те години од постоењето на франшизата, Спок останува единствениот член на оригиналниот екипаж кој се протега низ сите ери на ‘Ѕвездени патеки‘. Големиот Леонард Нимој и Закари Кинто во поново време му дадоа човечност на ликот кој е вечно растргнат помеѓу логиката и емоциите. Со месеци баравме актер кој, како нив, би му дал сопствено толкување на ликот и кој ќе ги отелотвори неговите најголеми квалитети: емпатија, интуиција, сочувство, копнеж и конфузија. Пек е свесен за предизвикот со кој треба да се соочи“, изјави авторот на серијата, Алекс Курцман.

„Ѕвездени патеки: Дискавери“ се случува пред оригиналната серија и Спок тука сѐ уште е главен научен офицер под водство на капетанот Кристофер Пајк (Енсон Маунт). Спок има значајни врски со бродот „Дискавери“, преку татко му Сарек (Џејмс Фрејн) и посвоената сестра Мајкл (Сонека Мартин-Грин).

Втората сезона ќе има премиера во почетокот на 2019 година.