Поп-ѕвездата Аријана Гранде за првпат јавно прозборе за терористичкиот напад што се случи на нејзиниот концерт во Манчестер на 22 мај 2017 година, истакнувајќи дека „вечно ќе минува низ она што се случи“.
„Тоа е најлошото нешто од човештвото“, кажа 24-годишната Гранде во интервјуто за магазинот „Тајм“.
Дваесет и две лица загинаа, а над 800 беа повредени кога бомбаш-самоубиец се разнесе додека фановите излегуваа од „Манчестер арена“.
„Музиката би требала да биде најбезбедната работа на светот. Затоа ова толку многу ми тежи на срцето секој ден. Си мислиш дека со тек на време ќе ти биде полесно да зборуваш за тоа или дека ќе се помириш со тоа, но секој ден чекам тој мир да дојде и сѐ уште е многу болно“, вели Гранде.
По трагедијата, таа заминала кај баба ѝ на Флорида, кога менаџерот ѝ предложил да одржи концерт во чест на жртвите.
„Таа ме погледна како да сум луд. Ми кажа дека веќе никогаш нема да може да ги пее тие песни. Остатокот од турнејата беше откажан, но Аријана по два дена се премисли и се согласи да правиме концерт“, рече менаџерот Скутер Браун.
Концертот „Љубов за Манчестер“ се одржа на 4 јуни пред 55.000 луѓе, а настапија и Џастин Бибер, Мајли Сајрус, Кејти Пери и „Колдплеј“.
„Ако не направев ништо, тие луѓе залудно умреле“, вели Гранде.