ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР СО ДУОДРАМАТА НА ПРОЈКОВСКИ НА ФЕСТИВАЛ ВО ПОДГОРИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва (13 септември) ќе настапи на Фестивалот на меѓународен алтернативен театар ФИАТ во Подгорица, Црна Гора. Во официјалната селекција е театарската претстава „Нема струја за електричниот стол”, во режија на Дејан Пројковски, работена по текст на Александар Секулов.

Во оваа дуодрама играат Васил Зафирчев и Исидор Јовановски. Претставата ќе се игра од 21 часот на сцената на Црногорско народно позориште. Велешки театар ја изведе и во Пловдив и во Београдско драмско позориште.

Утре (14 септември) на ФИАТ, исто така во официјална конкуренција, ќе биде изведена и претставата „Мац, мац”. Таа е копродукција со театарот „Пресврт”, режија и кореографија на Филип Петковски, работена според „Мачка на вжештен лимен покрив” од Тенеси Вилијамс. Ова е второ меѓународно гостување на претставата, по настапот во Приштина, каде беше и наградена.

На фестивалот учествуваат театри од Црна Гора, Косово, Албанија, Македонија, Србија, БиХ, Хрватска, Италија, Франција и Летонија.

П. ПЕЧКОВ