ВИТОШЕВИЌ И МНТ СО НОВА ПРЕТСТАВА БАЗИРАНА НА ЛИЧНИ МОНОЛОЗИ И СВЕДОШТВА, „РАБОТИ ЗА КОИ НЕ ЗБОРУВАМЕ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерката Нела Витошевиќ почна со пробите за претставата „Работи за кои не зборуваме“ на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ). Претставата се работи во копродукција со „Вондерленд театар“.

Се работи за авторски проект базиран на лични монолози, анонимни сведоштва и документарен материјал. Драматург е Викторија Рангелова.

„Во оваа претстава се разработуваат интимни сведоштва на лица кои безрезервно ги споделија/раскажаа своите болки, трауми, срамови, моменти на осуденост, злоупотреба, безизлез, параноја, несоница, неприфатеност, лажни насмевки, изгубен апетит, голтање апчиња, повраќање во шолја, зјапање во празно, плачење зад очила, бегство, губење здив, заглавеност во миг од животот“, најавува МНТ.

Играат Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски. Сценографијата е на Васил Христов-Вуси, а костимите ги изработи Роза Трајческа. Користена е музика од Крсте Роџевски, додека плакатот го дизајнираше Борче Димитриовски.

Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада во Македонија, а премиерата се очекува кон крајот на месецов.