ВО ПРОДАЖБА ПУШТЕНИ УШТЕ ВЛЕЗНИЦИ ЗА „ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА“ НА 22 ФЕВРУАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која ќе се одржи в четврток (22 февруари) од 20 часот во салата „Борис Трајковски“, се пуштени во продажба дополнителни 150 билети, велат од радио “Бубамара“, организаторот на настанот.

„Кај нас, ако имате билет, не ви треба нова лична карта, ни пасош. Освен тоа, кај нас забавата секогаш е безгранична. Поради големиот број апликации, денеска се пуштени дополнителни и последни 150 билети за овогодишната манифестација, на која закажуваме заедничко фотографирање за пасоши и лични карти, а може и за возачки дозволи. Ако в четврток за време на манифестацијата добиете нова возачка, на пример, не мора да се плашите од сообраќајна контрола, зашто кај нас, согласно духот на времето, ќе се пие гола вода. Така по овогодишната манифестација ќе излезете од салата апсолутно трезни. Насмејте се, ќе се сликаме“, велат од радио „Бубамара“ пред 27, издание на шоуто.

Билетите се во продажба преку мрежата Карти.мк.

Фото: Игор Џамбазов и Горан Пандев на ланското издание на „Златна бубамара“