ВО СКОПЈЕ СЕ СЛАВИ ДЕНОТ НА ХОЛАНДСКИОТ КРАЛ СО ХРАНА, УМЕТНОСТ И ВЕЛОСИПЕДИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со храна, велосипеди и уметност, Холандската амбасада во Македонија од 19 до 21 април го одбележува Денот на кралот на Кралството Холандија.
За првпат во Скопје, Амбасадата на Холандија и „Гоу грин“ ја организираа Портокаловата велосипедска тура, па велосипедистите во портокалови маици вртеа кругови околу трговскиот центар „Ист гејт“, следејќи го примерот на „Оринџ бајк рајд“, што се одвива низ целиот свет за време на Денот на кралот.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп ја отвори изложбата на карикатури. (Фото: Ѓ. Личовски)

Во „Ист гејт“ од денеска траат Деновите на Холандија, каде што е поставена изложба на карикатури од сите шест земји од Западен Балкан посветени на слобода на медиумите.
Холандски базар, шоу со виртуелна реалност и изложба на декорирани велосипеди од ученици од повеќе средни училишта од Скопје ќе бидат отворени за посетители на 20 и 21 април од 12 до 18 часот.

Велосипедистите се вклучија во турата „Оринџ бајк рајд“, што се одвива низ целиот свет за време на Денот на кралот. (Фото: Ѓ. Личовски)

Граѓаните можат да се фотографираат во собата на Ван Гог и да научат повеќе за холандскиот стил на живеење секој ден овој месец во работното време на трговскиот центар.

Фото: Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп (Ѓ.  Личовски)