ВРАЌАЊЕТО ДОМА НИ БЕШЕ НАЈДОБРОТО ВРЕМЕ ВО ГОДИНАТА, ВЕЛАТ АВТОРИТЕ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ОТКАКО ГО ОБИКОЛИЈА СВЕТОТ

Њујорк, (Хипералерџик)

Екипата на „Медена земја“, вклучувајќи ја и главната протагонистка Атиџе Муратова, замина за Лос Анџелес, каде што в недела ќе го заокружи своето неверојатно едногодишно патување, што ја однесе на сите страни на светот.

Од триумфот на Санденс минатиот февруари, „Медена земја“ непрекинато беше на светска фестивалска турнеја, собирајќи награди, признанија и величествени критики од релевантни медиуми, кои често истакнуваат дека филмот заслужува да земе Оскар, покрај изразените фаворити „Американска фабрика“ (документарец) и „Паразит“ (странски филм).

Во интервјуто за њујоршкиот онлајн магазин „Хипералерџик“, авторите на филмот велат дека зад нив е една луда година, исполнета со живот на каков што не се навикнати.

„Како можете да испланирате нешто такво? Како да сме во војска. Јас не уживам во тој живот на фестивали и проекции. Ние сакаме сами да правиме работи, сами да си спремаме јадење. Кога одевме дома на еден месец, тоа беше најдоброто време во годината“, откри режисерката Тамара Котевска.

Од многуте фестивали, најголем впечаток им оставил оној во Нова Каледонија.

„Се одржа во село северно од главниот град на островот. Проекциите се одржуваа во еден вид јавен простор, каде што сите готвеа и јадеа заедно. Тие секогаш се обраќаа со ‘ние‘ и ‘нас‘ и тоа во еден момент нѐ расплака. Тие многу добро го разбраа нашиот филм, зашто е за делење и еднакви одговорности. Од друга страна, во Вудсток имавме проекција пред само еден гледач. Нѐ зедоа наутро со голема црна лимузина за да го направат среќен тој еден гледач“, вели Котевска.

Тие веќе се подготвуваат за живот после „Медена земја“.

„Јас подготвувам долгорочен проект, чиј поширок контекст сѐ уште не ми е познат. Исто така, работам на анимиран филм, а Тамара на игран филм“, вели режисерот Љубомир Стефанов.

Снимателот Фејми Даут кажа дека оваа година ќе работи во Нигерија со една од режисерките на кинескиот документарец „One Child Nation“, кој излезе лани.