ВРЕМЕ Е ПОВТОРНО ДА СЕ БИДЕ ТАТКО, РЕКОА ЃОКОВИЌ И ФЕДЕРЕР ПО ИСТОРИСКОТО ФИНАЛЕ НА ВИМБЛДОН

Лондон, (Гардијан)

Новак Ѓоковиќ и Роже Федерер вчера го одиграа едно од највозбудливите финалиња во историјата на Вимблдон, по што и двајцата изјавија дека сега ѝ се враќаат на својата омилена улога – да се биде татко.

Иако следниот месец ќе наполни 38 години, Федерер кажа дека тоа не значи дека завршува со тенисот, а потоа се осврна на поддршката што ја добива од семејството.

„Тие нема да бидат возбудени што дома ја носам оваа чинија, тие ја сакаат златната работа“, се пошегува Федерер, па додаде:

„Многу ги сакам. Убаво е да се видат тука, имавме одлична недела овдека. А, сега назад на улогите на татко и сопруг“.

Ѓоковиќ по финалето имаше краток разговор и со 4-годишниот син Стефан

Федерер е татко на два пара близнаци, деветгодишните Мајла и Шарлин и четиригодишните Лео и Ленарт, кои дојдоа во ложата по завршувањето на мечот.

Ѓоковиќ, пак, го прослави петтиот триумф на Вимблдон само со четиригодишниот син Стефан.

„Моите сопруга и ќерка се во Лондон, но останаа дома. Ќе ги видам наскоро, време е повторно да се биде татко“, изјави најдобриот светски тенисер по победата над Федерер по пет часа игра.