ВО ФИНСКА СЕ ОДРЖА ПРВО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО КОЕ КОМБИНИРА ХЕВИ МЕТАЛ И ПЛЕТЕЊЕ

Хелсинки, (АП)

„Вооружени“ со игли и волна, тимови на страсни плетачи танцуваа на звуците на гласни тапани и гитари на првото Хеви метал светско првенство во плетење, чиј домаќин беше Финска.

Учесниците имаа едноставна цел: тие требаа да ги покажат своите плетачки вештини, додека танцуваат на хеви метал музика на најоткачен можен начин.

„Ова е смешно, но беше многу забавно. Кога ја видов комбинацијата на хеви метал и плетење, си реков ова е за мене“, изјави Хедер Мекларен, која пристигна од Шкотска за да се бори за оваа чудна светска титула.

Натпреварувањето се одржа на плоштад во малиот фински град Јоенсу, блиску до границата со Русија и настапија групи од девет држави, вклучувајќи ги САД, Јапонија и Русија.

Хеви металот е еден од најпопуларните музички жанрови во Финска, кој може да се чуе и на тамошни комерцијални радиостаници. Финска има најмногу метал бендови по глава на жител, односно 50 на 100.000 жители и тоа го спомна дури и Барак Обама кога во 2016 го прими финскиот претседател во Белата куќа.

„Ние имаме многу долги и мрачни зими, што ни остава доста време да ги испланираме нашите кратки лета и затоа на памет ни паѓаат вакви луди идеи“, изјави еден од основачите на ова светско првенство, Мари Карјалаинен.

Прв светски шампион стана јапонскиот тим на хеви метал плетачи „Гига бади метал“.