ЗА 20 ГОДИНИ ТРОЈЦА БРИТАНСКИ ПРЕМИЕРИ ДОБИЈА ДЕТЕ ДОДЕКА БЕА НА ФУНКЦИЈАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Само што се врати на работа откако го прележа коронавирусот, британскиот премиер Борис Џонсон пак доби слободен ден.

Џонсон (55) и неговата 23 години помлада свршеница Кери Симондс објавија дека утрово добиле син, оставајќи зад себе турбулентен период, во кој и двајцата развиле симптоми на коронавирус. Британскиот премиер дури помина една недела во болница и неколку ноќи на интензивна нега, а на домашно лекување беше пуштен на 12 април, за во понеделникот да се врати на работа.

И Дејвид Камерон доби дете додека беше премиер (Фото: ПА)

Џонсон е третиот британски премиер во поновата историја кој доби дете додека е на функцијата, по Тони Блер во 2000 и Дејвид Камерон во 2010 година. Сепак, тој и Симондс се првата невенчана двојка која живее на улицата Даунинг.

Тие во март објавија дека се свршиле на крајот на минатата година и дека чекаат дете. Џонсон има четири деца од 25-годишниот брак со Марина Вилер, како и вонбрачно дете од времето кога беше градоначалник на Лондон.