Дваесет и петгодишна жена од Мали роди девет бебиња, две повеќе од она што лекарите го забележале на скенирањата и со тоа постави нов светски рекорд. Халима Сисе роди деветорка во Мароко, каде што беше превезена со помош на владата на Мали.

„Многу сме среќни. Мојата жена и бебињата, пет девојчиња и четири машки, се добро“, изјави таткото.

Досегашниот Гинисов рекорд го држеше жена од САД, која во 2009 роди осум бебиња. Тие биле зачнати по пат на вештачко оплодување, сите преживеаја и денес имаат 12 години.

Во поновата историја се регистрирани два случаи на деветорки, во 1971 во Австралија и во 1999 во Малезија, но ниедно од тие бебиња не живеело повеќе од неколку дена.

„Ова е крајно редок случај, ова е исклучително“, изјави Јусеф Алауи, директорот на клиниката во Казабланка, каде што Сисе се породила со помош на десет лекари и 25 болничари.

Бебињата се тешки од 500 грама до еден килограм и во наредните два-три месеци ќе бидат во инкубатор. Сисе се породила во 30. недела од бременоста.