ЅВЕЗДАТА НА „БЛЕК ПАНТЕР“ ЧЕДВИК БОУЗМАН ТАЈНО СЕ ОЖЕНИЛ ПРЕД ДА ПОЧИНЕ

Лос Анџелес, (Мирор)

Светот денеска ја шокираше трагичната вест за прераната смрт на ѕвездата на „Блек Пантер“, Чедвик Боузман, кој почина на 43 години по четиригодишната борба со рак на дебелото црево.

Боузман, кој се појави во оваа улога во уште три филма на „Марвел“, никогаш јавно не објави дека има рак, кој му бил дијагностициран една година откако ја почнал врската со пејачката Тејлор Симон Ледвард, уште еден податок што долго време го криел од очите на јавноста. Тие се свршиле лани во октомври, а се венчале на приватна церемонија кога болеста на Боузман веќе влегла во напредна фаза.

Боузман и Ледвард првпат биле видени заедно во 2015 година на аеродромот во Лос Анџелес. Таа почна да го придружува на црвен килим во 2018, кога излезе филмот по кој Боузман ќе остане запаметен, „Блек Пантер“, кој заработи 1,3 милијарди долари и освои три оскари. Продолжението беше најавено за 2022 година.

Боузман ја почнал актерската кариера во ТВ-серии, пред да ги игра великаните Џеки Робинсон и Џејмс Браун во биографските филмови „42“ и „Get On Up“.

„Вистински борец, Чедвик издржа низ сето тоа и ги сними сите тие филмови кои ги засакавте. Тој снимаше меѓу операциите и многубројните третмани со хемотерапија и најголемата чест во неговата кариера беше што го оживеа кралот Тчала во ‘Блек Пантер‘“, се вели во соопштението на семејството.