КЕМПБЕЛ И БЕЛУЧИ ЅВЕЗДИ НА МАШКАТА МОДНА НЕДЕЛА ВО МИЛАНО

Милано, (АФП)

Топ-моделот Наоми Кемпбел и италијанската филмска ѕвезда Моника Белучи, облечени во машки одела, внесоа холивудски секси призвук на машката модна недела во Милано, на ревијата на „Долче и Габана“.

Со златната барокна позадина, 48-годишната Кемпбел изгледаше величествено со елегантна црна шапка со бела лента и со сребрени потпетици, во класичен костум со бели линии, бела кошула и пеперушка со точки.

Ѕвездите со дизајнерите Доменико Долче и Стефано Габана (Фото: АФП)

Со рацете во џебовите, Белучи носеше костум во три дела во јаглен боја, на екстрависоки потпетици.

Помладите модели беа миленијалци, кои се целна група на куќата, вклучувајќи ги актерот Камерон Далас, кинескиот актер Кари Ванг и пејачот Каиланд Вондер, син на американската музичка легенда Стиви Вондер.

„Версаче“, исто така, се одлучи за експлозија, но со многу помлада ѕвезда, Бела Хадид.

Меѓу главните италијански брендови се и „Прада“ и „Џорџо Армани“, а од странските, Британката Стела Макартни, која во Милано се враќа по четиригодишно отсуство и ќе ја затвори модната недела в понеделник.