МОЌНИ СМЕ И СЕ САКАМЕ – СИМБОЛИКАТА ВО СПОТОТ НА БИЈОНСЕ И ЏЕЈ-ЗИ СНИМЕН ВО ЛУВР

Лондон, (Индипендент)

Првиот спот за песна од првиот заеднички албум на Бијонсе и Џеј-Зи, „Сѐ за љубов“, станува сѐ попопуларен и поради големата симболика во стилот и дизајнот.

Во видеото за песната „Ејпшит“, снимено во музејот Лувр во Париз, славната двојка носи дизајнерска облека и накит, кои во комбинација со најпознатите светски уметнички дела, ги потенцираат нивните љубов и влијателност.

Бијонсе и Џеј-Зи се венчаа во 2008 година, а пејачот лани призна дека ја изневерил и дека музиката им го спасила бракот.

Бијонсе и Џеј-Зи пред „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи

Видеото почнува со Бијонсе и Џеј-Зи како стојат пред „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи, облечени во костими со живописни бои и со екстравагантен накит.

Уште со нивната заедничка турнеја тие порачаа дека на нивниот брак треба да се гледа како на вистинско партнерство. Нивниот избор да носат моќни костуми пред една од најпознатите слики во светот го нагласи тоа уште повеќе.

Бледовиолетовиот костум на Бијонсе се појавува како референца за отворената женственост, а синиот на Џеј-Зи за мажественост. Заедно со нивните моќни ставови, костумите порачуваат дека женственоста и моќноста не се меѓусебно исклучени и ги побиваат родовите стереотипи со истакнување на нивната рамноправност.

Бијонсе со танчарките пред „Крунисувањето на Наполен“ од 1807 година на Жак Луј Давид

Бијонсе дава моќна изјава за женското влијание и за женственоста кога заедно со танчарките, по градници и хеланки во месо боја стојат пред сликата „Крунисувањето на Наполеон“ на Жак Луј Давид, во која е прикажано крунисувањето на царицата Жозефина.

Додека танцуваат пред сликата, Бијонсе ги демонстрира силата на женската врска и нејзината природна позиција како лидерка.

Брачната двојка пред скулптурата на грчката божица на победата Ника

Во друг кадар, двајцата пејачи стојат пред скулптурата на грчката божица на победата, Ника, од 2. век пред нашата ера, со што го истакнуваат нивниот неспорен авторитет.

Славните пејачи пред „Милоска Венера“

Скулптурата „Милоска Венера“, за која се верува дека ја изработил Александар Антиохиски, е лесно препознатлива низ целиот свет по нејзината обликувана женска форма.

Бијонсе ја канализира античката грчка божица на љубовта и убавината со носење на целосно боди во месо боја, кое ги оцртува нејзините облини. Држејќи се за рака со Џеј-Зи, кој носи бел костум, двојката се претстави како моќна слика за љубовта.