ПОЛ МАКАРТНИ ОДРЖА КОНЦЕРТ ПРЕД 270 ФАНОВИ ВО КЛУБОТ ВО КОЈ ПОЧНАЛЕ „БИТЛС“

Ливерпул, (АП)

Повеќе од шест децении од првиот настап, Пол Макартни се врати во легендарниот клуб во Ливерпул, во кој почна да се создава легендата за „Битлс“.

Седумдесет и шестгодишниот Макартни одржа ексклузивен концерт во клубот „Каверн“, во кој славната четворка настапуваше во раната фаза од кариерата, и тоа пред само 270 среќни фанови, кои успеале да дојдат до бесплатните карти откако настанот беше најавен.

„Ливерпул, ‘Каверн‘, тоа се зборовите што заедно одат многу добро“, кажа Макартни на почетокот на својот двочасовен сет, период за кој отпеа 28 хитови на „Битлс“.

Тој даде мало навестување за овој настан за време на вчерашниот настап на Уметничкиот институт во Ливерпул, по што фановите се растрчаа по малубројните билети.

„Неверојатно е повторно да се биде овдека. Замислете го ова: кога пред многу години свиревме во ‘Каверн‘, ние не знаевме дали имаме иднина како бенд. Но, бевме океј“, рече Макартни.

„Битлс“ во овој клуб свиреле 292 пати од 1961 до 1963 година и Макартни потоа настапи само уште еднаш, во 1999, но во неговиот нов простор.

За време на концертот, тој се потсети и на други моменти од историјата на бендот и ја замоли публиката да не фотографира.