Хрватска и регионот тагуваат по Оливер Драгојевиќ, еден од најуспешните и најпопуларни пејачи од поранешна Југославија, кој почина во Сплит на 70-годишна возраст, по 12-месечна борба со рак на белите дробови.
Освен што со децении без проблем полнеше сали во цела бивша Југославија, Драгојевиќ беше гостин и во некои од најпрестижните светски сали, како „Олимпија“ во Париз, „Опера хаус“ во Сиднеј, „Ројал Алберт хол“ во Лондон и „Карнеги хол“ во Њујорк, кадешто пееше во 2008 година пред 2.500 луѓе.
„Тоа беше остварување на мојот детски сон. Мислев дека никогаш нема да стигнам до тука, но ете ме“, кажа Драгојевиќ.
Тој своевремено се присети и на својот најнеобичен концерт, кога во Марибор му дошле само пет фанови, но, сепак, решил да не го откажува настапот.
„Бев на турнеја со Кемал Монтено. Видов дека во публика има само пет луѓе и му го кажав тоа на Кемал. Тој ми кажа дека никогаш не бил во таква ситуација и дека не знае што да прави. Решив да земеме гитари в раце и да се спуштиме меѓу нив. Ги прашавме кои песни сакаат да ги чујат и откако ги отсвиревме, им ги вративме парите од картите“.
Драгојевиќ беше активен на музичката сцена половина век, издаде 23 студиски албуми и освои голем број награди.