МАДРИД И АЛЕКСАНДАР СЕ ВЉУБИЈА НА ПРВ ПОГЛЕД ВО ГВАТЕМАЛА, ВО ШТИП ИМ СЕ РОДИ СТЕФАН

Штип, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Мадрид Џенифер од Гватемала и Александар Постолов од Македонија пред девет месеци се венчаа откако се вљубија на прв поглед во земјата од Средна Америка, а неодамна во Штип им се роди бебето Стефан. Мадрид и Александар се регистрираа во февруари годинава, откако претходно допатуваа од Гватемала, каде што Александар три години работеше како рударски инженер.

„Се запознавме случајно на разминување во ресторан во истоимениот главен град на Гватемала кога со милни очи меѓу себе се погледнавме и по неколку секунди во исто време и двајцата се свртивме за да се видиме. Тој љубовен поглед нѐ маѓепса и цврсто нѐ спои. Тоа беше почетокот на нашата голема љубов која на свет ни донесе едно прекрасно синче“, вели штипската снаа од Гватемала која за неполна година малку го совладала македонскиот јазик.

Мајката Мадрид со синот Стефан на крштевка во црквата „Св. Никола“ во Штип.

Александар раскажува дека е пресреќен што  доби син со саканата Џенифер. Во Гватемала имал убави понуди за работа како инженер во рудниците за никел, но ги одбил затоа што во Македонија му биле најавени други понуди, но истовремено сакал да се врати во Штип со жената на својот живот. Таа пак без размислување одлучила по старите гватемалски традиции „ќе одиш каде ќе оди твојот сакан, каде ќе те води твоето срце “.

„Ги засакав Македонија и Штип веднаш штом слетавме на Скопскиот аеродром. Александар ме запознаваше со своите роднини и пријатели. Сите се пријатни. Дел од нив ни станаа кумови. Завчера го крстивме бебето по сите народни обичаи во штипската црква. Најмногу се радуваа свекрвата и свекорот чие име го носи Стефан. Радосната вест со голема радост ја прифатија и моите во Гватемала кога им соопштив што убаво ни се случи. Преку интернет добивме многу честитки“, вели Мадрид.

Без никаков приговор, Мадрид ги прифатила сите македонски па и штипски традиции. Единствено што на официјалната регистрација ја применила и традицијата на својата земја, па кон нејзиното име како презиме ги додала имињата на нејзините родители, па сега таа е заведена како Мадрид Џенифер Маралис Леон Постолов.

Момент од склучувањето брак што се случи во месец февруари оваа година во Штип.

„Таквата определба на Мадрид воопшто не ми сметаше дури инсистирав на такво нешто затоа што мојата сакана за прв пат ја напушти својата родна земја и оди во далечен свет преку океани и мориња. Сега сме преокупирани со бебето, но истовремено мислиме и да најдеме работа. Се надевам дека јас наскоро ќе се вработам во некој од нашите рудници. Дотогаш ќе работам како тренер во школа за карате“, вели поранешниот македонски репрезентативец во карате, Александар Постолов и на македонски и на шпански кој е официјален јазик во Гватемала.

„Јас полека се навикнувам на македонските обичаи и традиции, на животот што овде го имаат моите сакани. Јас сите многу ги засакав и мислам дека засекогаш ќе останеме овде или ако некогаш поинаку не одлучи Александар. Каде тој, таму и јас и нашето сакано детенце“, вели веќе одомаќинетата штипска снаа од Гватемала Мадрид Џенифер Постолов.

Т. ЈОВАНОВСКИ