ОРАТОРИУМ НА БУЖАРОВСКИ НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО ПРВЕНЦИТЕ, ХОРОТ И ОРКЕСТАРОТ НА МОБ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Оперските пејачи Весна Ѓиноска-Илкова (сопран), Славица Петровска-Галиќ, Благој Нацоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас), заедно со Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет (МОБ), вечерва во 21 часот во предворјето на „Св. Софија“ ќе го изведат ораториумот „Радомировиот псалтир“ оп. 47 од Димитрије Бужаровски.

На концертот во рамките на Охридско лето, кој ќе го диригира Бисера Чадловска, ќе настапи и детскиот хор „Пиколо“, подготвен од Весна Димчевска.

„Радомировиот псалтир“ е изработен врз текстот на ѓаконот Радомир од втората половина на 13. век. Тој се смета за еден од последните старословенски ракописи кои се испишани во старата кирилометодиевска традиција.

„Бужаровски користи неколку псалми и оригинални текстови на Радомир за слободно да го конципира сижето на ова дело. Ораториумот ‘Радомировиот псалтир“ е единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција ‘Грејвемејер’, што ја доделува универзитетот во Луизијана“, велат од Охридско лето.