ОСКАРИТЕ СЕ ОТВОРААТ ЗА БЛОКБАСТЕРИ – СЕ ВОВЕДУВА НАГРАДА ЗА ПОПУЛАРЕН ФИЛМ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Оскарите воведуваат нова категорија со која ќе се наградува исклучително постигнување во популарен филм, што ќе ја отвори најпрестижната филмска награда и за блокбастери.

Тоа е една од измените што беа одобрени од Бордот на гувернери на Филмската академија.

Ова значи дека оскар ќе може да добие и филм кој не бил фаворит на критиката, но поминал добро кај публиката, што сега им дава големи шанси и на филмови со суперхерои, како „Црниот Пантер“ и „Одмаздници“. Нејасно е дали овие промени ќе стапат на сила на следното доделување на оскарите, што вообичаено се одржува кон крајот на февруари.

Во изминатите години, филмови кои поминуваа добро на кино благајните, како „Мама миа“ и „Невозможна мисија“, беа игнорирани од Академијата.

Друга важна промена која беше усвоена е скратување на ТВ-преносот на три часа, при што некои награди ќе бидат доделени додека се емитуваат реклами.