КОЛОС ЦУРИ И КИРА ГОГОЛАДЗЕ ПОБЕДИЈА НА „ЕЗЕРСКИ БИСЕРИ“ ВО СТРУГА

Струга, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот пијанист Колос Цури и руската пејачка Кира Гоголадзе победија на 16. издание на меѓународниот арт фестивал и натпревар „Езерски бисери“ во Струга.

Цури освои најголем број поени од интернационалното жири во програмата класика, а Кира Гоголадзе во програмата естрада. Тие добија фестивалски статуетки, парична награда и охридски бисери од семејството Филеви.

Вчера на сцената на Центарот за култура се одржаа гала концерт и доделување на наградите.

Наградата лауреат прв степен во класика ја освоија пијанистите Леф Чефанов и Софија Берестјукова од Русија и Анастасија Кочева од Македонија.

Награда лауреат прв степен во естраден вокал добија учесници во повеќе возрасни групи, вклучувајќи ја и Славица Ангелова од Македонија. Покрај неа, за лауреати беа прогласени и Мартина Митревска, Маја Блажевска, Ени Анжиќ, Марија Јаковлеска и Омар Џафероски.

Новина на годинашниот фестивал беше изборот за европска убавица, во соработка со Ворлд бјути од Москва. Победничка беше Екатерина Рупасова од Русија, која ќе учествува на светскиот избор на убавина во декември во Москва.

Д. ЧУБРИЌ