СКОПЈЕ ТАНЦОВИОТ ТЕАТАР СО ДВЕ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛ ВО ЊУЈОРК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопје танцовиот театар ќе учествува на „Батери денс фестивал“ во Њујорк со две кореографии и со предавање.

„Фестивалот, кој се одржува на повеќе локации на отворена и затворена сцена, за времетраењето од една недела го посетуваат повеќе од 12.000 гости, а учествуваат компании од сите делови на светот“, вели кореографката и уметнички директор на СТТ, Рисима Рисимкин.

Свеченото отворање на годинашниот фестивал ќе се одржи во паркот Вагнер, покрај реката Хадсон, додека, пак, затворањето ќе се игра во центарот „Шимел“.

Кореографијата на Матеа Киселичка, насловена „Истиот извор“, ќе се игра утре на отворената сцена во паркот Вагнер.

В сабота во „Батери денс студио“ на Бродвеј, Рисимкин, заедно со членовите на Театарот, ќе одржи работилница за професионални танчари.

В недела во центарот „Шимел“, како дел од програмата на затворањето на фестивалот, ќе биде изведена кореографијата „Котел“ на Рисимкин, на музика од Тони Китановски.

Костимите за двете кореографии се на Благој Мицевски, а ќе играат: Адријана Данчевска, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Јована Зајкова, Бобан Русески и Сара Цветковска.