Американската компанија за видеоигри „Зинга“ склучи повеќегодишен договор со „Дизни“ за да развие игра за мобилни телефони базирана на „Војна на ѕвездите“.
Играта е насловена „Војна на ѕвездите: Командант“, а ќе ја менаџира студиото од Велика Британија „Натуралмоушн“, кое е дел од групацијата со седиште во Сан Франциско.
„’Војна на ѕвездите’ е една од најлегендарните франшизи во филмскиот свет, која низ децениите привлече милиони фанови. Како креатори на игри и филмаџии, ние сме големи обожаватели на ‘Војна на ѕвездите’ и многу сме возбудени што ќе создадеме нови искуства за играчите. Одиме кон тоа да го прошириме опсегот на универзумот на ‘Војна на ѕвездите’ и да развиеме игра за мобилни телефони која ќе ги забавува луѓето во следните години и се надеваме дека ќе стане франшиза на ‘Зинга’“, изјави директорот Френк Гибо.
Ова не е првпат „Дизни“ да ја прошири филмската франшиза во видеоигрите. Компанијата има направено повеќе видеоигри со ликови од „Војна на ѕвездите“, како „Војна на ѕвездите: Галаксија на херои“ во 2015 година.